Редовен Годишен состанок на телата за акредитација од регионот и учество на ,,Недела на квалитетот 2018”

 
Во рамки на зацртаните програмски активности за продолжување и јакнење на регионалната соработка, во периодот 28 февруари - 02 март 2018г., вработени од Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) реализираа работна посета на Акредитациското тело на Србија (АТС), кое беше домаќин и организатор на Редовниот Годишен состанок на телата за акредитација од регионот.
 
Овој состанок се организира врз основа на склучените билатерални договори за соработка националните тела за акредитација од регионот, на кој учествуваа претставници од Македонија (ИАРМ), Србија (АТС) и Босна и Херцеговина (БАТА).
 
На состанокот се сумираа резултатите од меѓусебната соработка на годишно ниво, се анализираа и дискутираа прашања од областа на акредитацијата, искуствените политики од одржување и надградба на системите за управување со квалитет, анализа на состојбата, придобивките од имплементација на системите за квалитет од аспект на акредитацијата, состојбите со националната инфраструктура на квалитет, развојни планови и правци за усогласување на системите согласно барањата на меѓународните документи. Особено во фокусот на интерес беа транзиционите периоди за прилагодување и примена кон новите изданија на стандардите EN ISO/IEC 17011 и 17025 и примена на задолжителните документи по нив, подготовки и резултати од редовните peer evalution за ЕА МЛА договорите, формално-правни и материјално-правни рамки и основи на правното и економското работење на телата од регионот и други актуелни прашања и размена на искуства и оценувачи. Состанокот беше официјализиран со потпишување на регионалните договори за продолжување на соработката помеѓу националните тела за акредитација.
 
Во рамки на оваа работна средба, Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) оствари уште една редовна активност, а тоа е учество на 27-та манифестација ,,Недела на квалитетот 2018” во организација на Стопанската комора на Србија и Фондот за култура на квалитет и извонредност од Белград и АТС.
 
На Манифестацијата која беше од интернационален карактер, в.д директорот на ИАРМ имаше официјално обраќање пред многубројните учесници-експерти за наука и стопанство и компетентни лица за квалитет. Притоа, беше претставена досегашната работа на ИАРМ и развојните планови и правци, со осврт кон значењето и улогата на акредитацијата во правец на обезбедување на квалитетот во животот и во работата во контекст на мотото на настанот, како и значењето и придобивките од акредитацијата за националните економии преку одржување во важноста на меѓународните договори за взаемно признавање на резултатите од акредитациите, преку кои се обезбедува слободна размена на стоки и услуги, а се од особено значење и за развојот на регионот, значењето на меѓусебната соработка на националните тела за акредитација од регионот, размената на искуства и експерти, а се со цел унапредување на деловните перформанси и добри политики на економските субјекти преку импелементација на системите за квалитет.

 

 

 

 

 

 

ЈАВЕН ПОВИК