Одржана третата Меѓународна конференција за “Квалитет и компетентност 2017“

 
Во организација на Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) и Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела (МАКЛАБ) од 14 до 16 септември 2017г., во хотел Силекс, Охрид, се одржа Меѓународната конференција на тема ,,Квалитет и компетентност 2017”.
Конференцијата, која по трет пат беше организирана во земјава, очекувано предизвика широк интерес кај заинтересираните субјекти пред се кај лабораториите и инспекциските тела, но и кај државните институции и други субјекти-чинители на националната инфраструктура за квалитет.
 
Настанот официјално беше отворен од страна на: Заменик министерот за животна средина и просторно планирање при Владата на Република Македонија, г-дин Јани Макрадули.
 
Исто така, свои пленарни обраќања имаа и д-р Трпе Ристоски - Директор на ИАРМ, м-р Магдалена Трајковска Трпевска - Претседател на МАКЛАБ, г-дин Алваро Рибеира – Претседател на ЕУРОЛАБ и г-дин Давор Звиждиќ - Претседател на Хрватското здружение на лаборатории КРОЛАБ.
 
И годинава, тематските целини на Конференцијата:
- Значењето на акредитацијата за следење на Европските насоки за обезбедување на квалитет и нивно усогласување со законската регулатива на РМ
- Практични искуства од имплементацијата за системите за квалитет во лабораториите, инспекциските тела и телата за сертификација
- Испитување, контрола на квалитет и следење на состојбите во животната и работната средина
- Испитување на квалитетот и безбедноста на храната
- Примена на системите за квалитет во градежништвото, го предизвикаа интересот на бројни домашни и меѓународни автори, па на Конференцијата беа презентирани вкупно 30 трудови пред околу 100 учесници. Меѓу нив се вбројува и трудот подготвен од вработените во ИАРМ на тематика за заштита на животната средина од аспект на акредитација.
Целта на Конференцијата е обезбедување придонес за развој и унапредување на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела, лабораториската пракса и размена на искуства помеѓу лабораториите, инспекциските тела и институциите од регионот и пошироко и секако унапредување на севкупниот квалитет на живеење.
Во рамките на настанот, ИАРМ беше домаќин на редовната Регионална средба на телата за акредитација. Средбата редовно се организира врз основа на Договорите за билатерална соработка на националните тела за акредитација од регионот и пошироко (Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија).